Делчево, 28 јуни 2019 (/) – Во организација на општинската организација на Црвен крст Делчево и планинарски спортски клуб „Голак“, на езерскиот комплекс „Сандански“ се одржа едукативен младински камп на кој учествуваа 30 волонтери.
Кампот имаше едукативен и забавен карактер, а целта, како што информираше Билјана Георгиевска, претседателка на делчевскиот Црвен крст, беше запознавање и демонстрирање вежби за укажување прва помош на повреден во планина и природа.
– Со младите волонтери излеговме во природа и меѓу другото реализиравме вежба во делот на укажување на прва помош во планина и на отворено. Притоа, користевме прирачни средства за имобилизација, односно средства со кои ќе се затекнеме на лице место. Активноста се реализираше со младите волонтери од средното и основните училишта, кои се обучени за прва помош. Притоа, вежбата ја изведуваа младите волонтери, кои ќе не претставуваат на Државниот натпревар по прва помош, кој оваа година ќе се одржи во Битола, соопшти Геогриевска.
При појава на повреда во планина, како што истакна лиценцираниот планинарски водич Љупчо Чучуковски, многу е важно да се остане смирен и да се укаже првична прва помош за таков вид на повреди.
– Никој не сака повреди во планина, но како такви се случуваат. Многу важно е младите волонтери да знаат кога ќе се јават овие повреди во планина, како да реагираат, односно како да укажат прва помош и што треба да направат во случај на посериозна повреда, вели Чучуковски.
Kако дел од годишната програма на Општинската организација на Црвен крст претходно во Делчево, беше спроведен и општинскиот натпревар по прва помош. вс/цр/