Утрински Весник
Македонија

ДСЗИ презема постапки согласно законските надлежности за фрлениот медицински отпад во контејнери на „Јужен булевар“

ДСЗИ презема постапки согласно законските надлежности за фрлениот медицински отпад во контејнери на „Јужен булевар“

Скопје, 23 јуни 2019 (/) – При вонреден инспекциски надзор по пријава на граѓани Инспекторатот на град Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на 20 и 21 овој месец во два наврати евидентирале поголеми количини на медицински отпад одложен во контејнери наменети за комунален отпад во сопственост на ЈП Комунална хигиена поставени на булеварот „Македонија“, во непосредна близина на ПЗУ „Синлаб“.

– Наведената состојба е констатирана на записник согласно законските надлежности кои произлегуваат од Законот за управување со отпад и во текот на утрешниот ден тој ќе биде доставен до правниот субјект кој го прекршил законот, информираат од ДСЗИ и Инспекторатот на град Скопје.

За наведеното инспекторатите располагаат и со дополнителен доказен материјал.

Со цел спречување на поголем инцидент, се наведува во соопштението, повикана е фирма лиценцирана  за управување со медицински отпад од страна на која медицинскиот отпад од комуналните контејнери е адекватно отстранет, а по налог на Државниот санитарен и здравствен инспектор, контејнерите се дезинфицирани.

– Во врска со констатираната фактичка состојба од страна на инспекторатите во текот на утрешниот ден ќе продолжат соодветни инспекциски постапки согласно законските надлежности, се наведува во соопштението.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Инспекторатот на градот Скопје, апелираат до граѓаните доколку забележат одлагање на медицински отпад во контејнери за комунален, да ги известат овие две институции со цел заштита на здравјето на населението. аа/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

150 казни за брзо возење

Вработен во Пошта уништил архивски материјал, против него е поднесена кривична пријава

Приведени разбојници во Скопје, следува кривична пријава