Утрински Весник
Македонија

Дискусија: Децата и наставниот кадар се влијателни индикатори за создавање толерантно и напредно општество

Дискусија: Децата и наставниот кадар се влијателни индикатори за создавање толерантно и напредно општество

Скопје, 12 јуни 2019 (/) – Потребно е вклучувањето на наставниот кадар и медиумите како влијателни индикатори за создавање на едно толерантно и напредно општество, кое ќе ја исполни потребата од разбирање на другиот, изјави денеска ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ Азиз Положани на јавната дискусија за Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во државава.

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов укажа на потребата од донесување на Стратегијата, која како што рече, треба да ја одрази суштината на нашето живеење и да ја истакне потребата од успешно и функционално општество еднакво за сите кое со правилно посветување уште од најмала возраст кај децата од предучилишна возраст, но и кај наставниот кадар во основното и средно образование ќе создадат почит кон социјалните, етничките, националните, верските, културните и секои други разлики.

– Изминатите месеци со колегите се посветивме на академскиот пристап при изработката на суштинските елементи на Националната стратегија и тука сме да чуеме што можеме да подобриме, да надоградиме. Мултикултурализам е кога имаме ваков заеднички документ, почитуван од сите. Важно е да кажеме дека ја согледавме потребата од зголемување на комуникацијата и јакнење на интеркултурализмот во нашата држава, да ја истакнеме потребата од почитување на јазиците, истакна  Атанасов.

Советникот за спроведување на Рамковниот договор во канцеларијата на премиерот на Северна Македонија, Фатмир Битиќи појасни дека Стратегијата треба да се донесе за да се надмина поделбата во општеството по сите основи.

– Концептот „Едно општество за сите“ е признавање на сите различности и обезбедување еднаквост за сите граѓани во општеството, без разлика на нивната социјална припадност, без разлика на сексуалната ориентација или родовиот идентитет“. За доследно спроведување на Стратегијата потребно е унапредување на спроведувањето на нормативите и меѓусебна соработка на локално ниво, рече Битиќи.

Пратеникот Рубин Земон истакна дека основата на мултикултурализмот е дијалогот меѓу заедниците, имплементирање на законските решенија, надминување на национализмот и почитување на заедничките вредности.

Професорот Ризван Сулејмани пак потенцираше дека образованието е една од клучните елементи, од каде ќе се делува на свеста на децата, кои подоцна како возрасни граѓани лесно ќе ги надминуваат национализмот, нетолерантноста и ќе знаат за компромис и почитување на еднаквост на правата на сите.бт/дма/

 

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Маж од Богданци со закана бил принуден да потпише фактури со големи суми

Оштетен споменикот на Гоце Делчев во Градски парк

Маричиќ-Лирман: Фокус на реформите и заедничка посветеност на патот кон ЕУ