Утрински Весник
Македонија

Дебата: Човекот најкритичниот фактор за несакани последици од природни катастрофи

Дебата: Човекот најкритичниот фактор за несакани последици од природни катастрофи

Скопје, 3 јули 2019 (Утрински Весник) – Човечкиот фатор е најкритичниот фактор за настанување на несакани последици од природните катастрофи. Како општество не секогаш сме покажале дека можеме да реагираме на природни катастрофи. Клучно е институциите да си ја вршат својата работа. Тоа значи многу јасен мониторинг, користење на расположливите ресурси, и благовремено дејствување, бидејќи кога ќе се случи пожар или поплава многу е тешко понатаму да се излезе на крај.

Ова беше истакнато на денешната дебата „Намалување на ризици од катастрофи – градење на отпорно општество“.

Проф. д-р Панде Лазаревски од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, рече дека најмногу сме изложени на човечки катастрофи, бидејќи она што се случува, за жал се случува „благодарение“ на тоа што го прават или што треба да го сторат, а не го прават луѓето.

– Човечкиот фактор е најкритичниот фактор за настанување на несакани последици. Ова е подрачје подложно на земјотреси. Но пак ќе нагласам дека главниот проблем, она што може да ги трансформира негативните настани во катастрофи е човечкиот фактор со тоа што го прави или треба да го стори, а не го прави, рече Лазаревски.

Истакна дека клучно е институциите да си ја вршат работата, а тоа, како што рече, значи многу јасен мониторинг, користење на расположливите ресурси, и благовремено дејствување.

– Годинава одбележуваме десет години од донесувањето односно конципирањето на Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи согласно концептот на специјализираната агенција на ОН. Во тоа време, Националта платформа на РМ се ценеше како референтен модел во светски рамки за тоа како треба концепциски тоа да се организира, додаде Лазаревски.

Во однос на спречувањето катастрофи, поконкретно за поплавите што се случија во 2006 година и што одзедоа 22 животи, вели дека е многу битно јасно да бидат дефинирани стандардите според кои се функционира.

– Натаму како се врши инспекцискиот надзор, за врз основа на тоа да може да се пристапи кон осигрување и понатаму развиен систем на форензика, односно утврдување на причините, човечки, институционални, кои довеле она што е од природата како евидентна околност за настануваее такви несреќи, да се трансформира во она што беше, посочи тој.

Проф. д-р Саше Герасимовски од Факултетот за безбедност – Скопје, рече дека главниот предизвик во светски рамки е справување со катастрофи, а одејќи нанапред во цивилизацискиот развој, посочи, создаваме ризици со кои претходно не сме соочиле, посочувајќи го примерот со Охрид.

– Човекот доби наследство од природата да го негува и да го чува, УНЕСКО го прогласи за светско наследство, сега е ставено за жал на листа на загрозено наследство. Сите тие се апспекти во кои повторно човекот има клучно влијание и многу треба да се направи да се има волја пред се решат тие прашања, рече Герасимовски.

За проф. д-р Александар Иванов вели дека е потребна локална иницијатива, и синергија на сите можни чинители во општеството за намалување на ризиците од катастрофи. Според него, и инвеститорите треба да ги препознаат новите политики, во делот на зелени политики, обновливи извори на енергија…

Го посочи примерот со Јапонија, и дека не случајно сите иницијативи за спречување катастрофи доаѓаат од Јапонија, за која рече дека е земја која е многу урбанизирана, многу густо населена, и како ретко која друга држава е изложена на ризици и од природата, како земјотреси, цунами, ветрови од Пацификот, и од катастрофи предизвикани од човек.

– Не толку одамна беше Фукушима, која беше нуклеарна централа што ја направи човекот и која резултрираше со жртви. И оттука е разликата меѓу непогода и катастрофа. Земјотресот во пустина не подразбира ништо, но земјотресот во населено место каде што не се почитувани определени стандарди подразбира висока изложеност на ризици и можност за загуба на животи, рече Иванов.

Оценува дека како општество не секогаш сме покажале дека сме подготвени да реагираме на природни катастрофи.

– Не само да изреагираме, уште помалку сме преземале превентивни активности да дојдеме до некоја цел. Потребно е градење на локални капацитети. Град скопје има определени проекти во однос на ублажување на ризиците. Општина Центар потпиша договор со уште неколку градови во рамки на Еевропскиот форум за намалување на ризиците, додаде Иванов.

Оваа научно-стручна расправа се спроведува во рамки на научно истражувачки проект со наслов „Воспоставување на академска мрежа за истражување и студии во доменот на намалување на ризици од катастрофи“, што се спроведува од двете институции.

Целта на овој проект претставува актуелизирање на теми поврзани со ризиците од катастрофи, зајакнување на институционалната и персоналната соработка на истражувачите и професионалците кои работат во оваа област, како и генерално подигнување на општата и професионалната свест за процесите кои се поврзани со ризиците од катастрофи. нд/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Маричиќ-Лирман: Фокус на реформите и заедничка посветеност на патот кон ЕУ

Герасимовски: Изборот на Валентина Ангелковска за најдобар одделенски наставник во земјата е уште едно признание за квалитетот на образованието во Центар

(Видео) Милошоски: Бесмислено е власта да бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за закони кои што не постојат и не се доставени во Собранието