Утрински Весник
Македонија

Георгиевски: Обезбедивме 40 милиони денари за подобра патна инфраструктура во Раштак, Булачани и Виниче

Георгиевски: Обезбедивме 40 милиони денари за подобра патна инфраструктура во Раштак, Булачани и Виниче

Скопје, 16 јули 2019 (Утрински Весник) – Општина Гази Баба и централната власт водат сметка за потребите на жителите. Заеднички придонесуваме за подобрување на условите за живеење кои се од суштинско значење за руралните средини, изјави градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски при денешните средби со граѓаните во населените места Раштак, Булачани и Виниче.

Како општина, рече Георгиевски, имаме слух за потребите на луѓето кои живеат на Скопска Црна Гора и затоа пристапуваме кон решавање на нивните проблеми кои се приоритетни.

-Овој пат, се реализираат три клучни проекти. Еден од нив кој ни беше посочен е лошата состојба на регионалниот пат Бутел – Раштак и затоа започнуваме со реконструкција и проширување на овој регионален пат во должина од 5 километри, а на критичните места ќе поставиме потпорни ѕидови, рече Георгиевски.

Тој додаде дека ќе работат и на изградба на патна делница во должина од два километри од локалитетот манастир Св. Илија до населеното место Виниче, како и на изградба на патна делница од ООУ „Наум Охридски” до викенд населба после воденица во село Булачани.

-Со реализацијата на овие три проекти значително ќе го подобриме квалитетот на животот во овие средини, а се зачуваат и унапредат традиционалните вредности во руралните подрачја. За овие три проекти општината веќе обезбеди средства во својот буџет во висина од 40 милиони денари кои се составен дел од предложениот ребаланс на буџетот, а кој од неразбирливи причини мнозинството во Советот на општината го блокира, посочи градоначалникот Георгиевски.

Покрај подобрувањето на патната инфраструктура во населените места Раштак, Булачани и Виниче,  како што додаде, континуирано се работи на поставување на водомери и носење на вода до секое домаќинство.

Георгиевски додаде дека за населените места кои што гравитираат на Скопска Црна Гора во тек е проектирање, а во дел ќе се започне со реализација на фекална канализација со мали прочистителни станици чија цел е да се заштити и унапреди животната средина и да се подобрат условите за живот на граѓаните во руралните средини.

На средбите со граѓаните во населените места Раштак, Булачани и Виниче присуствуваа и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и заменик – министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески. дма/сст/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ЗНМ: Функционерите мора да одговараат на прашањата на новинарите

„Поддршка за членство во ЕУ имаме, наша задача се реформите“

Средба Бочварски – Милков: Ги потврдивме ставовите за завршување на железничкиот Коридор 8