Утрински Весник
Македонија

Втора фаза од изградбата на етно-парк во Зрновци

Втора фаза од изградбата на етно-парк во Зрновци

Кочани, 11 јуни 2019 (/) – Локалната самоуправа на Зрновци ќе ја реализира втората фаза од изградбата на етно-паркот за што е планирано да се инвестираат околу 3,5 милиони денари.

Најголем дел од средствата се обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, во соработка со Центарот за развој на источниот плански регион, а свое финансиско учество ќе има и општината со околу десет отсто.

Првата фаза на етно-паркот беше реализирана пред две години, при што се изградија пешачки патеки и летна сцена, се обезбеди довод на електрична енергија и вода, беше опремено детско игралиште и се комплетираше хортикултурното уредување.

– Во втората фаза од реализацијата на проектот ќе се изгради селска етно-куќа со автентичен изглед во која ќе бидат изложени домашни алати, облека и стари предмети што се карактеристични за регионот. Исто така, во дворот на куќата ќе има етно експонати, односно коњска и воловска кола, чеза, селска фурна, ѕидан казан за ракија, дрвени буриња за вино и ракија, селски амбар и слични предмети. Наша главна цел со овој проект е да го заштитиме културното и етнолошкото богатство по течението на Зрновска Река, истакна Блаже Станков, градоначалник на Општина Зрновци.

Во моментот тече постапката за избор на изведувач на градежните работи, кој ќе има рок од три месеци да ја реализира втората фаза. Етно-паркот е лоциран на влезот во Зрновци, непосредно до детската градинка и спортските терени.

Градоначалникот Станков додаде дека планирана е и трета фаза од проектот со која ќе се изгради пристапна улица и паркинг, а за што дополнително ќе се бараат извори на финансирање. та/вг/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Груби: На Али Ахмети му треба народот, на народот му треба Али Ахмети

Пратениците изгласаа продолжување на кризните состојби заради недостиг на електрична и топлинска енергија

Млада скопјанка пронајдена почината во својот дом