Утрински Весник
Македонија

Во Скопје и Штип поголеми концентрации на прашина и ПМ честички во градинките и училниците отколку надвор

Во Скопје и Штип поголеми концентрации на прашина и ПМ честички во градинките и училниците отколку надвор

Штип, 27 јуни 2019 (/) – Во градинките, училниците и училишните спортски сали во Штип и Скопје има поголеми концентрации на прашина и ПМ честички отколку во надворешниот воздух, сообраќајот значително влијае на изложеноста на луѓето на загадувачките материи, а фекалиите од канализациските мрежи се најголемите загадувачи на реките Вардар и Брегалница.

Овие заклучоци се добиени по мерењата на квалитетот на воздухот, водата и почвата во Скопскиот и Штипскиот регион кои ги направи Факултетот за природно-технички науки и лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Универзитетскиот професор Дејан Мираковски од штипскиот Факултет за природно-технички науки појаснува дека концентрациите на прашина и ПМ 10 честичките се екстремно повисоки во занималните во градинките, училниците и спортските сали отколку во надворешниот воздух. Присуството на ПМ 10 честичките три до пет пати ги надминува дозволените дневни вредности. Тој забележува дека во периодот надвор од активните часови прашината бргу се таложи и концентрациите се изедначуваат или се спуштаат под амбиентните што укажува дека основната причина за високите концентрации на ПМ 10 честичките е повторно кревање на прашина во активниот период.

– Еве децата престојуваат во затворени простории, а тие се доста активни во училниците и салите, така што постојано ја ресуспендираат прашината која што паѓа, а за ситните фракции кои се поопасни за здравјето не се толку високи. Меѓутоа, се повисоки од тие што ги има во амбиентот, вели Мираковски.

Тимот на научници ја истражувал изложеноста на велосипедистите на аерозагадувањето во близина на сообраќајниците во Скопје. Резултатите покажуваат дека персоналната изложеност на велосипедистот кој се движел во зони со интензивен сообраќај е повисока за околу 70 проценти кај ПМ 10 честичките и за 60 проценти кај ПМ 2,5 честичките, отколку кај велосипедистот кој возел на место каде што немало сообраќај.

Најголеми загадувачи на реките Вардар и Брегалница се дефинитивно отпадните води од канализациските мрежи, отпад од фармите и хемиските материи што се користат во земјоделството. Мерењата покажуваат драстично високи концентрации на фосфор и зголемени концентрации на нитрити. Примероци од Вардар се земени кај мостот што ги спојува Сарај и Ѓорче Петров и кај Градскиот стадион, додека примероци од реката Брегалница се земени од околината на селото Карбинци, штипската населба Ново Село и под селото Суфилари каде што е испустот на колекторот на отпадни води на Штип. Мираковски вели дека на овие локации се укажува оти главната причина за лошиот квалитет на водите во реките е несоодветното третирање на комуналните отпадни води.

Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии забележува дека направени се и истражувања на почвата во Штип и во Скопје, а резултатите покажуваат дека концентрациите на тешки метали во ниту еден од примероците не може да се оценат како високи независно од зоната од каде биле земени и не се детектирани зони во кои постои потреба за санација на почвата од аспект на содржина на тешки метали. Но, тој потенцира дека резултатите коишто ги имаат добиено научниците се само информативни, бидејќи во нашата земја не постојат национални стандарди за мерење на квалитетот на почвата, туку резултатите се споредувани со стандардите и регулативата на Холандија.

– Во Македонија за жал нема регулатива за мерење на квалитетот на почвата, односно нема прецизирано индикатори, критериуми според кои ќе се мерат концентрациите на загадувачки материи и доколку се надмине нивото какви мерки треба да се преземат за санација на почвите, вели Андонов.

Додава дека мерењата биле направени во периодот од 15 мај до 20 јуни годинава во Скопје и во Штип од страна на лабораторијата на АМБИКО при УГД Штип, а кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје. вдј/нд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Театар во Град Скопје: Арсовска тераше инат со Славески и не се тргаше од говорницата

Алијанса за Албанците со предлози за ублажување на енергетската криза

Петровска: Ја повикувам Комисијата за одбрана одблиску да го следи спроведувањето на огласот за прием на професионални војници