Утрински Весник
Македонија

Во карбинската општина неасфалтирани патишта останаа во селата Оџалија и Горно Трогерци

Во карбинската општина неасфалтирани патишта останаа во селата Оџалија и Горно Трогерци

Штип, 9 јули 2019 (Утрински Весник) – Во руралната Општина Карбинци неасфалтирани патишта останаа само во селата Оџалија и Горно Трогерци. Градоначалникот на општината Јордан Насев вели дека за да се асфалтираат патиштата до овие села, како локална власт веќе изработуваат техничка документација, која ќе покаже колку ќе чини нивната изградба, а оваа документација мора да ја имаат со цел да аплицираат и до одредени институции или фондови.

Насев појаснува дека до селото Оџалија не се асфалтирани околу 1.600 метри пристапен пат, а токму во текот на зимата ваквата инфраструктура им создава проблеми на учениците во селото Карбинци при превозот.

– Општина Карбинци секоја година дополнително инвестира во одржување на земјениот пат, којшто и тешко се одржува, бидејќи не е асфалтиран. Од ова село секојдневно ученици патуваат до училиштето во Карбинци и има проблеми со патувањето, вели Насев.

Тој забележа дека техничка документација се изготвува за патот до селото Горно Трогерци во должина од четири километри. Во ова село нема постојано жители, бидејќи поради лошата патна инфраструктура одамна се иселиле, но во текот на викендите, некои кои живеат во околните села и во Штип  и секојдневно доаѓаат во атарот на ова село за обработка на своите ниви.

Во август во ова општина со финансиски средства од Платежната агенција ќе се градат патиштата до селата Вртешка, Калузлија и Ќебаплија. вдј/фф/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ЗНМ: Функционерите мора да одговараат на прашањата на новинарите

„Поддршка за членство во ЕУ имаме, наша задача се реформите“

Средба Бочварски – Милков: Ги потврдивме ставовите за завршување на железничкиот Коридор 8