Гевгелија, 28 јуни 2019 (/) – Советниците на општина Гевгелија денеска го разгледаа проектот за уредување на парк во централното градско подрачје, на локацијата на стариот пазар, која зафаќа површина од 2.037 метри квадратни.
Презентерите појаснија дека проектот на архитектката Ивана Баламовска Илиева, од општинскиот сектор за урбанизам, нуди две варијанти, кои во завиност од степенот на застапеност на зеленилото, нудат тревници, посебни видови на дрвја, поплочени патеки со клупи, канделабри и друга урбана опрема кои во централниот дел предвидуваат градба на фонтани кои по формата потсетуваат на Двете уши, карактеристичниот врв на Кожуф планина.
Градоначалникот Сашо Поцков појасни дека со презентацијата на проектот всушност започна и јавната кампања за уредување на овој дел од централното градско подрачје на Гевгелија и вети дека ќе се заложи што поскоро да се донесе Деталниот урбанистички план за центарот на градот кој е во завршна фаза.
Откако ќе се добие и согласноста од Министерството за транспорт и врски, веднаш ќе се распише и тендер за избор на изведувач, рече Поцков и нагласи дека очекува изведбените работи да почнат во септември годинава. им/лв/