Велес 28 јуни 2019 (/) – Општина Велес неделава на јавни површини постави 19 контејнери од кои десет жолти пластични контејнери од 1,1 метар кубен и девет метални мрежести жолти контејнери, сите за селектирање пет пластична амбалажа.
Со ова, освен од домаќинствата, почна и примарната селекција за граѓаните од колективното домување, трговските објекти и другите правни субјекти.
Како што информираат од Општина Велес, деветте метални контејнери се донацијата обезбедена од колективниот постапувач ПАКОМАК, вредна 87.000 денари. Средствата за деветте пластични контејнери, вкупно сто илјади денари, се од општинскиот буџет.
Од Општина Велес информираат дека активностите се реализирани во партнерство со ЕД „Вила Зора“.
Појаснуваат дека со нивно поставување низ градот на фрекфентни локации се врши проширување на примарната селекција,а која досега се спроведуваше кај 30% од индивидуалните домаќинства во општината.
Собирањето и транспортирањето на селектираниот отпад го презема ЈКП „Дервен“ кој е овластен оператор за отпад од пакување на територијата на општината. ЈКП „Дервен“ продолжува со распределбата на жолти канти за селектирање пластичен отпад по домаќинствата во градот. ад/мч/