Гевгелија,10 јули 2019 (Утрински Весник) – Последните испитувања на примероци вода земени минатиот месец од браната Паљурци кај Богданци покажаа дека водата е безбедна по здравјето на луѓето и дека целосно одговара на потребите за кои е наменета.
Анализата на водата ја направи ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес, согласно Уредбата за класификација на водите и Уредбата за категоризација на водотеците, езерата, акумулациите и подземните води.
Лабораториските наоди на водата од акумулацијата Паљурци покажаа дека таа одговара на трета класа по присутна матност и дека по другите параметри и бактериска контаминација припаѓа на втора и прва класа.
Според резултатите, водата од браната Паљурци отстапува од толелираната втора класа само по параметри кои според стручњаците не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето и може да се користи за капење, рекреација, наводнување на земјоделски површини и за напојување на стоката. им/мс/