Утрински Весник
Македонија

Владата ја одржа 141. седница

Владата ја одржа 141. седница

Скопје, 25 јуни 2019 (/) – Владата на Република Северна Македонија на денешната 141. седница донела одлука да го задолжи Министерството за економија да ја испита правната исполнетост на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато, на ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село, и доколку не се исполнети правно-формалните аспекти да го одбие барањето на концесионерот.

Како што информираат од владината прес-служба, на денешната седница Владата го задолжила Министерството за економија, доколку се утврди дека не е исполнета правната обврска на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато, на ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село, еднострано да го раскине договорот за концесија со ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село со број бр.24-4563/1.

На седницата, Владата го усвоила Годишниот извештај за управување со јавниот долг на Република Северна Македонија за 2018 година и согласно член 27 од Законот за јавен долг да го достави до Собранието на Република Северна Македонија.

– Јавниот долг на Република Северна Македонија на крајот на 2018 година изнесува 5.202,2 милиони евра што претставува 48,5 отсто во однос на БДП. Државниот долг на Република Северна Македонија на крајот на 2018 година изнесува 4.344,4 милиони евра односно 40,5 посто во однос на БДП. Со ова ниво на државен долг, Република Северна Македонија и понатаму останува умерено задолжена земја со државен долг кој е далеку понизок од просечното ниво на долг на земјите на ЕУ, кој на крајот на 2018 година изнесува 80,8 отсто, се наведува во соопштението од Владината прес-служба.

Оттаму велат дека годишниот извештај за управувањето со јавниот долг има за цел поблиску и на редовна основа да ги информира Владата и Собранието на Република Северна Македонија и да ја запознае јавноста со карактеристиките на должничкото портфолио на Република Северна Македонија, како и со преземените мерки за негово ефикасно управување во текот на минатата година.

Владата денеска ја разгледала Информацијата за дигитализација на Системот за управување со кризи преку имплементацијата на NICS – Next Generation Incident Command System – NATO SPS Project (Следна генерација на Систем за управување со инциденти) во Република Северна Македонија, ги задолжи сите органи на државната управа и им укажува на институциите кои немаат статус на органи на државна управа, активно да учествуваат во дигитализацијата на Системот за управување со кризи и целосно да го имплементираат и интегрираат NICS во своите институции.

– NICS апликацијата претставува дигитализација на Системот за управување со кризи и овозможува командување со ангажираните ресурси (единици, тимови и МТС) во рамките на секоја институција од Системот за управување со кризи, меѓуресорска координација, соработка и комуникација помеѓу институциите ангажирани на справувањето со инцидентите, кризите и кризните состојби, и размена на податоци и информации (текст, слика и видео содржина) во реално време, информираат од владината прес-служба.

Целосната имплементација на NICS проектот, како што соопштуваат од владината прес-служба, ќе се реализира до 1 декември 2020 година, што практично значи дека Република Северна Македонија како 30-та членка на NАТО, ќе има имплементиран современ дигитален систем за управување со кризи.

На денешната седница, Владата ја усвоила програмата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар, согласно со мрежата на здравствени установи (2019-2022). За 2019 година одобрени се вкупно 346 специјализации, за 2020 година вкупно 241 специјализации, за 2021 година 184 специјализации и за 2022 година вкупно 160 специјализации.

Покрај специјализациите, Владата на Република Северна Македонија одобрила и супспецијализации и тоа за 2019 година вкупно 69 супспецијализации, 24 за 2020 година, за 2021 година се одобрени вкупно 22 супспецијализации и за 2022 година одобри вкупно 16 супспецијализации.

Владата на Република Северна Македoниja ја разгледала и усвоила Информацијата за подготовките за учество на делегација на Република Северна Македонија на Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан, на 4-ти и 5-ти јули 2019 година во Познан, Полска, со предлог платформа за настап на делегацијата, и ја задолжила Кацеларијата на Претседателот на Владата на РСМ, заедно со Министерството за надворешни работи да направат првична консултација со бугарската страна околу концептот на идното копретседавање со Берлинскиот процес, кое заеднички треба да го преземат Северна Македонија и Бугарија.

Владата денеска донела одлука да му додели 30 милиони денари на Ракометниот клуб Вардар за освоената титула Европски шампион во ракомет, како и одлука да му додели 1 милион денари на Бесир Алили за европската шампионска титула во борење во категоријата кадети и 300 илјади денари на неговиот тренер.

На денешната седница, Владата на РСМ ја разгледа и усвои Информацијата за потпишување на Конвенцијата за надлежност, меродавно право, признавање, извршување и соработка во поглед на родителската одговорност и за мерките за заштита на децата, усвоена во Хаг во 1996 година, која има за цел заштита на децата изложени на ризик во прекугранични ситуации, за заштита од прекуграничната трговија со луѓе и експлоатацијата на децата во услови на војни, миграции, граѓанските немири или природни катастрофи, се наведува во соопштението од владината прес-служба. мс/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерката Петровска на безбедносен форум во Црна Гора – ќе се дискутираат прашања за регионалната безбедност

Сончево време со температура до 26 степени

ВМРО-ДПМНЕ денес ќе достави измени на законот за здруженија