Утрински Весник
Македонија

(Видео) Заев: Празникот Свети Сава е потврда за нашите заложби за заедништво, меѓусебно разбирање и почитување

(Видео) Заев: Празникот Свети Сава е потврда за нашите заложби за заедништво, меѓусебно разбирање и почитување

Претседателот на Владата, Зоран Заев, вечерва со видео обраќање на Свечената академија што се одржа онлајн по повод 27 Јануари, Свети Сава, го честиташе Националниот празник на српската заедница во нашата земја.

„ Славењето на овој голем празник, кој е од посебно значење за српската заедница, е потврда и за нашите заложби за заедништво, меѓусебно разбирање и почитување кое го негуваме во Северна Македонија. Нашето општество е мозаик од вредности, мозаик од различности. Токму различностите се богатство и водилка кон развојот и напредокот на нашата држава која успешно покажува дека може да се гради како едно општество за сите.

Преку одбележувањето и славењето на празниците на нашите заедници ја одржуваме традицијата на почитување на различните културни особености и заеднички се стремиме кон градењето посветла и просперитетна иднина за сите граѓани.

Свети Сава е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони на српската држава. Свети Сава е молитвен застапник на сите кои преку него побарале помош, а со своето бесмртно дело и понатаму е посредник на сите во неволја.

Тој е духовник на кој се угледуваат припадниците на српскиот народ кога во својата духовна зрелост го креираат својот личен карактер, а со тоа и карактерот на својата заедница.

Во тој дух ја гледаме и постапката на искрено подадената рака на пријателство и солидарност на Република Србија со отстапените вакцини како прва помош за нашите граѓани додека во земјата не стигнат договорените количини. Ја користам оваа прилика уште еднаш да кажам Благодарам што го помагате нашето јавно здравје.

Уште еднаш најсрдечно упатувам честитки по повод Националниот ден на Србите во Република Северна Македонија и нека бидат вечни името и славата на Свети Сава, под чие духовно покровителство се одбележува денешниот ден“ порача Заев.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Ковачевски: Со ВМРО ДПМНЕ повторно ќе заглавиме во изолација

ДКСК препорача АСЈО да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели

Маричиќ: Важна промена, државните енергетски компании ќе станат сопственост на граѓаните